На 23 мај 2018 година во Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена, делегација од Дирекцијата за радијациона сигурност на Република Македонија во состав Светислав Ѓорѓевиќ – директор на Дирекцијата за радијациона сигурност, Трифче Сандев и Горан Трајков, учествуваа на 6-тиот состанок за прегледување на Извештаите на земјите пристапнички на Заедничката конвенција за сигурност при управување со искористено нуклеарно гориво и сигурност при управување со радиоактивен отпад.

На самиот состанок Дирекцијата за радијациона сигурност имаше презентација за начинот на имплементација на Заедничката конвенција во Република Македонија, како и за прогресот што го има направено Република Македонија во последните три години. За Република Македонија ова беше второ учество на состанок за Заедничката конвенција, за кој Дирекцијата за радијациона сигурност во октомври 2017 година го поднесе третиот Извештај за исполнување на обврските по истата конвенција. Исто така, Дирекцијата за радијациона сигурност одговори на сите 35 поставени прашања од повеќе земји потписнички на Заеничката конвенција за управувањето со радиоактивен отпад и искористени радиоактивни извори во Република Македонија. Првиот извештај за Заедничката конвенција беше поднесен од Дирекцијата за радијациона сигурност во октомври 2011, додека пак вториот извештај беше поднесен во декември 2015 година. Република Македонија пристапи кон Заедничката конвенција во септември 2009 година со ратификација на истата во Собранието на Република Македонија.
На состанокот од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија, управувањето со напуштени радиоактивни извори во Република Македонија, што опфаќа контрола на напуштените радиоактивни извори на граничните премини и на територијата на Република Македонија, вклучувајќи и контрола во топилницата Макстил во Скопје, беше препознено како „пракса со добри перформанси“.
7-от состанок за прегледување на Извештаите на земјите пристапнички на Заедничката конвенција ќе се одржи во 2021 година за кој Дирекцијата за радијациона сигурност треба да го поднесе 4-от извештај во последниот квартал на 2020 година за направениот прогрес во Република Македонија за периодот 2017 – 2020 година.

 

 

 

Дежурен телефон

Телефон за пријава на радијациони вонредни настани и за пријава на ординации кои работат без дозвола издадена од Дирекцијата за радијациона сигурност:
075 / 25 - 42 - 25