На ден 30 април 2018 година, во просториите за обука за радијациона заштита и сигурност на Дирекцијата за радијациона сигурност, се одржа обука за припадниците на Граничната полиција на Република Македонија. На обуката присуствуваа 19 претставници на Граничната полиција од сите регионални центри и истата ја спроведоа 6 предавачи од Дирекцијата за радијациона сигурност.

Следните теми беа опфатени во обуката:
- Надлежности и улога на Дирекцијата за радијациона сигурност
- Дозволи за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење
- Јонизирачко зрачење, категоризација на радиоактивни извори, основни принципи на радијациона заштита
- Опасност од јонизирачко зрачење
- Извори на јонизирачко зрачење во Република Македонија
- Радијациони единици, детекција на јонизирачко зрачење, инструменти
- Одговор на настани на граничните премини и улога на Дирекцијата за радијациона сигурност, Царинската управа и Граничната полиција (Меморандум за соработка, План за радијациони вонредни настани)

На крајот беше спроведена вежба за детекција на радиоактивни извори и мерење на интензитет на јонизирачко зрачење, како и за идентификација на радионуклиди.

Оваа обука е во рамките на добрата соработка што ја има Дирекцијата за радијациона сигурност и Граничната полиција и ќе помогне за уште поуспешна соработка меѓу двете институции во иднина и заедничко справување со радијационите вонредни настани на граничните премини, како и во заедничката борба со недозволената трговија на радиоактивен и нуклеарен материјал во Република Македонија.

 

Дежурен телефон

Телефон за пријава на радијациони вонредни настани и за пријава на ординации кои работат без дозвола издадена од Дирекцијата за радијациона сигурност:
075 / 25 - 42 - 25