Во просториите на Дирекцијата за радијациона сигурност, на 14 јули 2026 година, се одржа работен состанок со претставници на надлежни институции и здравствени установи – Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија, Институтот за патолошка физиологија и нуклеарна медицина и ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември" – Скопје, посветен на унапредувањето на нормативната рамка во областа на радијационата сигурност.
На состанокот беа разгледани потребите за ажурирање на постојните подзаконски акти, имајќи ги предвид технолошкиот развој, воведувањето современа медицинска опрема, како и потребата од усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики. Дополнително, се дискутираше и за нормативните аспекти поврзани со планираното проширување на одредени здравствени дејности кои вклучуваат употреба на извори на јонизирачко зрачење.
Во конструктивна и стручна атмосфера, учесниците разменија мислења и конкретни предлози за приоритетните измени на прописите. Беше договорено активностите да продолжат преку координирана соработка меѓу сите релевантни институции и експерти, со цел обезбедување високо ниво на радијациона сигурност, унапредување на регулаторната рамка и доследна примена на прописите во пракса.
