На 24 април 2026 година, на Граничниот премин Табановце, се одржа вежба во организација на Дирекцијата за радијациона сигурност (ДРС), во соработка со релевантни институции.
Вежбата беше отворена со воведни обраќања од директорот на Дирекцијата, Дејан Богојевски, како и претставници од Царинската управа, Граничната полиција и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во првиот дел од настанот беа презентирани теми поврзани со радиоактивни извори, нивните типови и примена, како и транспортот, пакувањето и означувањето на радиоактивни материјали. Дополнително, беа презентирани инструментите за мерење и идентификација, како и стандардните оперативни процедури за постапување.
Во вториот дел од вежбата, следеше практичниот дел, кој опфати реализација на три сценарија. Во нивната имплементација учествуваа претставници од ДРС, Граничната полиција, Царинската управа, ИЈЗ, како и правни лица кои вршат дејност – транспорт на радиоактивен и нуклеарен материјал.
Преку реалните сценарија беше извршена проверка на оперативните процедури, комуникацијата и меѓуинституционалната соработка. Вежбата овозможи идентификација на одредени аспекти за понатамошно унапредување, со цел зајакнување на системот за радијациона сигурност и нуклеарна безбедност.
Во рамките на Сценариото 1, овластено правно лице врши транспорт на радиоактивен извор за индустриска радиографија со соодветно возило, опрема и овластени лица. При гранична контрола, Царинската управа утврдува дека, и покрај валидните дозволи за дејност и транспорт, не е обезбедена дозвола за извоз, по што се преземаат соодветни мерки. Целта на сценариото беше проверка на усогласеност со процедурите за извоз/увоз на радиоактивни извори и координација помеѓу надлежните институции при гранична контрола.
Сценариото 2 опфаќаше случај во кој физичко лице се обидува нелегално да пренесе радиоактивни извори преку државната граница. Обидот е навремено детектиран од Граничната полиција, по што се спроведуваат секундарни и терцијални контроли со вклучување на надлежните институции. Изворите се идентификувани и безбедно преземени. Целта на ова сценарио беше тестирање на капацитетите за детекција, идентификација и безбедно справување со обиди за нелегален транспорт на радиоактивни извори.
Последното сценарио 3 се однесуваше на транспорт на радиофармацевтици од аеродром до Клинички центар пришто се случува сообраќајна несреќа, доаѓа до оштетување на возилото и контаминација на околината. Се активираат итните процедури, местото се обезбедува, се вршат мерења, собирање на материјалот и деконтаминација. Цел на сценариото беше проверка на подготвеноста и координацијата на институциите при радијационен вонреден настан во транспортен инцидент.
Дирекцијата за радијациона сигурност ја нагласува важноста на ваквите активности како клучен сегмент во градењето на ефикасен и координиран одговор при потенцијални ризици. Истовремено, се потенцира значењето на континуираната обука и соработка помеѓу сите релевантни чинители.
Со одржувањето на оваа вежба се зајакнува меѓуинституционалната соработка и се унапредуваат капацитетите за навремено и ефикасно реагирање во ситуации кои вклучуваат радијациски ризици.
Дирекцијата останува посветена на обезбедување висок степен на заштита на населението и животната средина, преку постојано унапредување на националниот систем за безбедност.