Печати

Јонизирачкото зрачење (радијација) е она зрачење, коешто има доволно висока енергија да предизвика избивање на електрон од електронеутрален атом, со што врши јонизација, како што укажува и самото име. Јонизирачкото зрачење се среќава насекаде и тоа може да биде од различна природа. На пример, дел од спектарот на електромагнетното зрачење има својство на јонизирачко зрачење. Исто така, снопови од најразлични честички, коиште поседуваат големи енергии и може да вршат јонизација се класифицираат како јонизирачки зрачења. Постои природна радијација, на пример, космичкото зрачење кое се состои од најразлични честички: протони, алфа честички, атоми со поголема маса, електрони, како и јонизирачко зрачење од космогени радионуклиди коишто настануваат кога космичкото зрачење заемодејствува со атмосферата (H-3, Be-7, C-14, Na-22), морската вода (минорно) и земјината кора (минорно, со исклучок на Cl-36). Јонизирачкото зрачење потекнува и од радиоактивни материјали кои постојат во земјината кора. Овие радионуклиди припаѓаат на една од сериите на ураниум (U-238), актиниум (U-235), ториум (Th-232)и нептуниум (Np-237). Со исклучок на серијата на нептуниум, сите други серии на радионуклиди постојат на земјата. Дури и човечкото тело содржи радионуклиди како што се K-40, C-14, Po-210. Освен од природното зрачење, јонизирачкото зрачење потекнува и од вештачки добиени радиоактивни извори коишто се користат во медицината, индустријата, научните истражувања и др., како и од генераторите на зрачење, како што се рентген апарати, акцелератори, циклотрони и сл. Треба да се прави разлика помеѓу јонизирачкото и нејонизирачкото зрачење. Нејонизирачкото зрачење е со помала енергија од јонизирачкото зрачење и не врши јонизација во средината низ којашто минува. Во нејонизирачко зрачење спаѓаат: ултравиолетовата светлина, видливата светлина, инфрацрвената светлина, микробрановите (пр. комуникацијата со мобилните телефони), радиобрановите (пр. оние со чија помош се пренесуваат радио и ТВ сигналите), нискофрекфентните бранови, термичкото зрачење (топлината) и др.

joniziracko zracenje

д-рТрифче Сандев

Дирекција за радијациона сигурност