Дирекцијата за радијациона сигурност од 2015 година учествува во спроведувањето на ИПА проектот „Понатамошно зајакнување на техничкиот капацитет на нуклеарните регулаторни тела во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија, како и Косово“ кој започна на 01 јули 2015 година кој е предвидено да трае 36 месеци, односно да заврши во 2018 година.


Во рамките на проектот се спроведува задача 2.7 Информирање на населението со основна цел за обезбедување на подршка за  регулаторните тела на државите кои учествуваат во проектот во насока на подобрување на информирањето на населението во однос на ризиците на кои би можело да биде изложено населението од уреди кои генерираат јонизирачко зрачење и од радиоактивните извори.  Во таа насока е обезбедена подршка за Дирекцијата во организирањето и спроведување на тркалезна маса на тема „Обука за радијациона заштита и признавање на квалификувани експерти“


Тркалезната маса се одржа на 01.03.2018 година во просториите на Дирекцијата за радијациона сигурност. Темата за тркалезната маса е утврдена со оглед дека Дирекцијата согласно своите законски надлежности утврдени со Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност е надлежна да се грижи за обука на одговорните лица за радијациона заштита и на лицата кои работат со извори на јонизирачко зрачење и да ги утврди видовите на обуки и содржината на програмата за обука на одговорните лица за радијациона заштита и на лицата кои работат со извори на јонизирачки зрачења.  Врз основа на ова, а со оглед на потребата за утврдување на систематска обука на професионално изложените лица во Република Македонија и целосно усогласување на националното законодавство во областа со одредбите од Директива на Советот на ЕУ 2013/59/ЕУРАТОМ од 5 декември 2013 за утврдување на основните стандарди за сигурност за заштита од опасностите кои произлегуваат од изложеност на јонизирачко зрачење, се наметна потреба од организирање на тркалезна маса на оваа тема со претставници од релевантни институции со цел утврдување на соодветните потреби од превземање на понатамошни чекори во насока на подобрување на состојбата во областа на систематска обука на професионално изложените лица и препознавање на квалификувани експерти.


На тркалезната маса учествуваа претставници од ENCO, водечки партнер во конзорциумот за спроведување на проектот, претставници од регулаторните тела на Црна Гора и Србија и претставници на релевантни институции од Република Македонија - Министерство за образование и наука, Институт за физика - ПМФ, Институт за јавно здравје, Факултет за електротехника и информациски технологии, Медицински факултет, Друштво на физичарите на Република Македонија, Здружение за медицинска физика и биомедицински инженеринг и Екотех дозиметрија кои дадоа свој придонес во дискусијата.

Oana Veliku, претставник на ENCO, пред учесниците на тркалезната маса имаше презентација за проектот во рамките на кој се реализира задачата 2.7, во однос на цел, активности, очекувани резултати, а исто така ги презентираше поединечно сите задачи во проектот во кој е вклучена Република Македонија.


Билјана Георгиевска Димитриевски од Одделението за правни и општи работи, меѓународна соработка и европски интеграции на Дирекцијата за радијациона сигурност, го презентираше планот за комуникација на тема „Обука за радијациона заштита и признавање на квалификувани експерти“ подготвен од Дирекцијата во смисла на цели, начини на комуникација, идентификувани заинтересирани страни, временска рамка за спроведување на планот.


Горан Ангеловски од Одделението за дозволи/лиценци, мониторинг и вонредни настани на Дирекцијата одржа презентација во однос на постоечката состојба, потребите и предизвиците со кои се соочува Дирекцијата во областа на обука за радијациона заштита и признавање на квалификувани експерти, како и  дефиниции и критериуми за препознавање на медицински физичари.


Врз основа на дискусијата произлегоа следниве заклучоци: 1. Потреба од дефинирање на минимум критериуми за препознавање на квалификувани експерти и медицинските физичари  (образование, обуки, работно искуство), како и нивната улога и надлежности  2. Потреба од обезбедување на мултидисциплинарен пристап  за решавање на прашањето со вклучување на сите релевантни институции и заинтересирани страни 3. Потреба од нагласување на практичниот дел од обуката, како за лицата кои работат со извори на јонизирачко зрачење, така и за квалификуваните експерти и медицинските физичари 

 

Дежурен телефон

Телефон за пријава на радијациони вонредни настани и за пријава на ординации кои работат без дозвола издадена од Дирекцијата за радијациона сигурност:
075 / 25 - 42 - 25